Пораки од телефонот на Наќе Георгиев доведoa до претрес во Академијата за судии: земени досиеја на кандидати
Телефонот на врховниот судија Наќе Георгиев кој беше уапсен поради земање 10.000 евра со цел да намести случај во полза на обвинет, откри и други можни кривични дела. Од него, обвинителката утврдила дека имало и ургенции во Академијата за судии и обвинители, со цел, кандидати кои треба да судат и обвинуваат положат испити.
„Во рамките на предмет против врховен судија, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при анализа на телефонот на осомничениот дојде до сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело.
Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата.
Во текот на вчерашниот ден, припадници на Одделот за крим полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал постапија по Наредбата на судијата и ги обезбедија бараните предмети. За сите дополнителни активности и детали кои нема да влијаат на постапката обвинителството ќе ја информира јавноста навремено“, вели Обвинителството.