Пеплосана е тревата низ Аеродром, оттаму праќале ургенции до претпријатието на Арсовска: ситуацијата е алармантна, но добивме молк!
Општина Аеродром се лути на „ЈП Паркови и зеленило“ бидејќи тревата е пожолтена, системите за наводнување не работат, а претпријатието чиј директор го поставува скопската градоначалничка Данела Арсвоска не реагира.
,,Општина Аеродром: ЈП „Паркови и зеленило“ иако се платени од жителите, целосно го занемарија јавното зеленило
Општина Аеродром ја информира јавноста дека одржувањето на јавните зелени површини во голема мера е под надлежност на Град Скопје, односно на ЈП „Паркови и зеленило“, но со жалење мораме да констатираме дека оттаму не ги извршуваат квалитетно своите обврски на ниво на нашата територија.
Во изминатиот период сме сведоци на лоши слики од исушени и пожолтени тревници за кои треба да се грижат од ова градско јавно претпријатие. Дополнително, сакаме да ги информираме граѓаните дека Општина Аеродром на постојните јавни зелени површини, во изминатите години на територијата на општината има изградено повеќе автоматски системи за полевање, вклучувајќи ги и бунарите, кои се предадени на ЈП „Паркови и зеленило“ како надлежно јавно градско претпријатие во нивно владение и користење.
Овие системи и бунари се наоѓаат во реоните Ново Лисиче, Три Бисери, Јане Сандански од левата и десната страна, како и во Острово.
Но од неразбирливи причини за нас, веќе подолго време тие не се ставаат во функција, со што сме доведени во ситуација да бидеме опкружени со исушени тревници и дрвја.
За ситуацијата да биде уште поаларманта, тоа се случува во овој летен период кога се соочуваме со екстремно високи температури, кога аеродромци треба да имаат можност да се разладуваат во парковите што се изградени за таа намена.
Да потсетиме дека секој месец граѓаните им плаќаат на градските јавни претпријатија за повеќе услуги, како што се тарифа за водна услуга, собирање смет и секако за ставката надоместок за одржување на јавното градско зеленило.
Општината преку официјални дописи до ЈП „Паркови и зеленило“ побара квалитетно и ажурно извршување на нивните обврски, но не доби никакви одговори и оттаму не излегуваат во пресрет на нашите обиди да ја вратиме старата слика за Аеродром.
Како Општина, ги уверуваме граѓаните дека сите површини што се под наша надлежност ги наводнуваме и ги одржуваме секојдневно и со тоа темпо ќе продолжиме и во иднина.
Уште еднаш испраќаме јавно апел до Град Скопје и до „ЈП „Паркови и зеленило“ да почнат да ги извршуваат своите задачи за што се уредно платени од парите на аеродромци.”, велат од Општина Аеродром.