Туфегџиќ го повика Коцевски: Ги знаете, само одважете се, одземете им ги телефоните и ќе ги најдете „проектите“ на расцутеното судство
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој е поранешен кривичен судија, го повика државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да собере храброст и да ги прибере доказите во четирите апелациони подрачја за криминалите во правосудството, па посочува: „убеден сум и знам дека и тој ги знае“.
„После ваков блам со врховниот судија, државниот Јавен обвинител има животна шанса да ги стави работите во ред. Не треба многу, треба уште денеска да свика итен колегиум и да даде зелено светло веднаш и без одлагање да се издадат наредби за постапување и одземање на мобилни телефони спрема 10-тина примероци како врховниот судија во четирите апелациони подрачја.
Убеден сум и знам дека и тој ги знае, само треба да се одважи и да ги прибере доказите за кои му треба само еден мал чекор, бидејќи тие луѓе во последните години не е тајна дека не се ни криеа, а во нивните телефони ќе ги најде сите договорени и реализирани проекти на проектантите на расцутеното судство како и проектите што се во тек“, вели Туфегџиќ.
Ова пак, предизвика коментари во правосудните кругови, но и загрижност. Според информации на „Скопје1“, стравот е дека евентуален ваков чекор на Коцевски ќе предизвика хаварија во правосудството и дека треба особена внимателност. Од друга страна, граѓаните бараат расчистување на корупцијата во судството и обвинителствата.