Македонија

„Облечете ги децата нормално, не ги китете како за на Макфест“ – почнува школската година

Почнува новата учебна 2024/25 година за сите ученици во основното и средното образование. Според податоците на МОН, новата учебна година ќе почне за 245 илјади ученици во основните и средните училишта, бројка што е намалена за 17 илјади во последните седум години.

Вчера, доктор Ненад Лазаров сподели и објава на социјалните мрежи со која ги повика родителите на внимателност кога ги подготвуваат децата за на училиште, бидејќи имаат соученици кои немаат базични работи.

„Облечете си ги утре децата нормално не ги китете ко за на Макфест настап, поголемиот дел од луѓето не можат да си дозволат базични работи.
Па и не само утре“, напиша доктор Лазаров на ден пред почетокот на школската година.

Годинава, основците и средношколците нема да имаат пролетен распуст, одлучи Министерството за образование и наука врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека ваков распуст не е потребен. Учебната година ќе трае од 2 септември до 10 јуни за сите ученици, со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај.

Наставата започнува со физичко присуство, а онлајн настава ќе има за учениците од неколку училишта каде, како што нагласи, претходното раководство не исполнило одредени свои обврски, како на пример ненавремено завршување на реконструкција или набавка на опрема – клупи и столчиња за учениците.

Јаневска додаде дека според информициите со кои располагаат во 140 училишта ќе се одвива едносменска настава, за која како Влада се залагаат да се воведе во сите училишта во државата.

На почеток