Свет

(Видео) Голем пожар во Лос Анџелес: Прогласена вонредна состојба

Повеќе од 35.000 објекти се загрозени од шумски пожар што гори источно од Лос Анџелес, што предизвика наредби за евакуација и вонредна состојба во Јужна Калифорнија, соопштија официјални лица.

Пожарот, кој избувна во четвртокот источно од Сан Бернардино, уништил површина од 17.459 хектари до вчераутро, според Калифорниското одделение за шумарство и спречување пожари, пишува ABC News.

Официјалните лица почнаа да издаваат задолжителни наредби и предупредувања за евакуација и прогласија локална вонредна состојба откако пожарот изгоре повеќе од 7.000 хектари во саботата.

Гувернерот Гевин Њусом прогласи вонредна состојба во округот Сан Бернардино во саботата.

Најмалку тројца пожарникари се повредени додека се обидувале да го изгаснат пожарот.
Истрагата за причините за пожарот е во тек, а гаснењето на пожарот беше отежнато поради високата топлина што ја зафати Јужна Калифорнија.

Противпожарната служба проценила дека пожарот бил поттикнат од „критично сува“ вегетација во областа и бурните ветрови.

Службата во соопштението додаде дека повеќе од 620 пожарникари се борат со пожарот во неделата, вклучително и четири противпожарни хеликоптери.

На почеток