Македонија

Амбасадорот на Бугарија ќе добие демарш, а нивната цел не е Бугари во Устав туку покажување на мускули, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски најави дипломатска нота во знак на протест, бидејќи претседателката Гордана Силјановска-Давкова во Бугарија кај тамошниот претседател Румен Радев беше пречекана со две бугарски знамиња, наместо со македонско. Според Мицкоски, ова ќе ги потврди владините заложби за водење на принципиелна дипломатска политика каде нема никој да ја гази Макеоднија.

„Во минатото кога се понижуваше и распродаваше достоинството македонско тогаш се молчеше, се виткаше кичма и се соблазнуваа со тие кои не понижуваа и газеа. Сега дипломатски се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна или пак дипломатска политика со свиткана кичма. Tогаш кога ќе се помине црвената линија тогаш треба и да се реагира, затоа што ако не реагирате, тој исклучок понатаму ќе стане пракса“, рече Мицкоски.

Тој додаде: „Она што е поважно за мене, Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем, многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Онојпат, кога ќе видиме дека се поминати црвените линии тогаш ќе мораме да интервенираме и денеска тој демарш ќе биде врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед“.

На почеток