Таравари би седнал на маса со Села и Ахмети за Албанците: Ама нека се навикнат дека се во опозиција
Министерот за здравство, Арбен Таравари вели дека коалицијата Вреди е подготвена да разговара со Ахмети за прашања кои се од интерес на Албанците. Ова доаѓа по повикот на Зијадин Села упатен до партиите од албанскиот политички блок да разговараат за прашањата и теми кои се однесуваат на Албанците.
„Господинот Села и господинот Ахмети пред се треба да се навикнат дека се во опозиција, инаку нема проблем, со било кој, во било кое време подготвени сме да разговараме“ – рече Таравари.
Претходно, Села за ТВ21 рече: „Ние сме во време кога многу добро треба да размислиме какво ќе биде однесувањето, позиционирањето, не на Алијансата за Албанците, Беса, или што знам, Демократското движење или како и да се вика, во однос на ВМРО, но во однос на македонската политика. Ние овде мора да најдеме заеднички јазик за да спречиме во иднина да се реализираат планови кои не се пријателски настроени кон Албанците, но и кон другите заедници“.