Зеленски: Околу 40.000 руски војници се пренасочени од Украина во правец на Курск
Околу 40.000 руски војници се пренасочени од украинскиот фронт во правец на Курск, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во вечерното обраќање.
„Веќе успеавме да пренасочиме околу 40.000 руски воен персонал во оваа насока. Им благодарам на сите наши борбени бригади, на секој војник, наредник, на секој командант за нивната храброст“, рече тој.
Според него, украинските сили го намалиле потенцијалот на руските војници да извршат напади во регионот на Доњецк, но тој посочи дека ситуацијата се уште е тешка во близина на градовите Покровск и Курахов, пренесува Униан.
Украинскиот Генералштаб соопшти дека на правецот Покровски, руските сили се обиделе 36 пати да ја пробијат украинската одбрана.
Според извештаите, од почетокот на војната во февруари 2022 година, имало 163 воени судири меѓу руските и украинските сили.
Во меѓувреме, Европскиот парламент ги повика земјите-членки на ЕУ да ги укинат рестрикциите што ја спречуваат Украина да користи западни оружени системи за напад на руска територија. Таа резолуција ја поддржаа 425 европски пратеници, 63 беа воздржани, а 131 беа против, пишува украинската агенција.
Претходно денеска од кабинетот на Зеленски потврдија дека тој следната недела ќе отпатува за САД, каде што на американскиот колега Џозеф Бајден ќе му го претстави украинскиот „план за победа“.