Вработени во Улици и патишта: Притисоци за „Луна паркот“, доведено во прашање функционирањето!
Вработени во ЈП Улици и патишта Скопје тврдат дека ЈП Улици и патишта – Скопје има неправилности во работењето на претпријатието, односно кај директорот Ванчо Умленски заедно со двоецот Арсовска – Глигоров.
Соопштението ви ги пренесуваме во целост:
„Истите неправилности се нотирани на последната седница на Управниот одбор и влезени се во записникот. Се работи за следново:
1. Работа на претпријатието – изградба на објекти во последните три месеци без договори во вредност од 60 милиони денари. Истите средства претпријатието не е во можност да ги фактурира на Град Скопје бидејќи нема договори. За изведба на работите налози се дадени од Арсовска и Глигоров со што е направена директна штета во износ од еден милион евра;
2. Изведба на објект Луна Парк – патеки од бекатон во вредност од 15 милиони денари изведени во периодот од април до август 2024, а договорот е потпишан во септември на износ од 7 милиони денари. Врз инженерите и надзорите се врши притисок од страна на директорот и секретарот на Град Скопје за потпишување на градежните книги, иако тоа е надвор од законските прописи.
3. Задолжување на претпријатието кон добавувачи во износ од 240 милиони денари (4 милиони евра) и неплаќање на обврските кон добавувачите, односно постои селективно плаќање на обврските како во случајот со Пуцко Петрол. За споредба, долгот на ЈП Улици и патишта Скопје во октомври 2021, кога Арсовска стапува на функција градоначалник на Град Скопје, изнесувал 60 милиони денари. Од ова може да се заклучи дека долгот за три години е зголемен четири пати.
4. Побарувањата на ЈП Улици и патишта по основ на активни договори со Град Скопје денес изнесуваат НУЛА денари, додека во октомври 2021 побарувањата од Град Скопје биле 100 милиони денари.
5. Доведено е во прашање функционирањето на претпријатието преку неможноста да се исплати плата и неможноста да се набават репроматеријали (битумен, ризла, тампон, рабници, боја…). Поради неплаќање на обврските на Град Скопје кој ЈП Улици и патишта, освен набавката на репроматеријали, не постои можност ниту да се поправат дефектите на градежните машините“, велат во е-маил пораката вработените во ЈП Улици и патишта.