Скопје

Нови проблеми со јавниот превоз во Скопје: утрово нема и дел од приватнтие автобуси, се жалат жителите

Нови проблеми со јавниот превоз во Скопје. Жители се жалат дека утринава ги нема ниту дел од приватните превозници на скопските улици. Укажуваат дека покрај тоа што ЈСП не вози според возниот ред, сега има уште едно редуцирање на бројот на автобуси – а по автобуските се создаваат гужви.

„Утринава два приватни автобуси на ЈСП не дојдоа. Се работи за 22-ка, што се сообраќаат од Железничка до Волково. Се создаде ненормална гужва на автобуските“, вели патничка за „Скопје1“.

Претходно пак, ученик се пожали дека линиите 45 и 23 своеволно и без никакво известување се исклучуваат од линии.

„Професорите и наставниците често се лути зошто не сме тргнале порано. Како да знаеме? А кога е ваква гужва и во 9 да тргнеш – попусто“, вели тој за „Скопје1“.

Остануваат и другите проблеми на градскиот јавен превоз, како што е честото расипување на автобусите, а пред една недела уште еден се запали додека се сообраќаше на линија. За среќа, по навремена реакција на возачот се избегна трагедија.

Иако ЈСП го тресат низа скандали – директорот Драги Кушовски не одговара на никакви прашања од „Скопје1“. Па така, среде ноќ се наплаќаат билети со пари на рака, патниците се жалат на нередовност, на автобуси им пукаа и гуми, а имаше и случај кога гума излета на булеварот Партизански одреди. Го прашавме дали си ја гледа одговорноста – не одговара и по еден месец.

На почеток