Свет

Макрон: Би било грешка Нетанјаху да го одбие прекинот на војната во Либан

Макрон: Следните неколку месеци ќе бидат одлучувачки за Унгарија и ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека би било „грешка“ израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го одбие примирјето предложено за Либан, додека германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок исто така повика на прекин на огнот.

„Предлогот што беше направен е солиден предлог“, рече Макрон на прес-конференцијата во Монтреал со канадскиот премиер Џастин Трудо, прецизирајќи дека предлогот е подготвен заедно со самиот Нетанјаху и Соединетите Американски Држави, пренесува АФП.

Нетанјаху претходно ѝ рекол на армијата да продолжи да се бори „со полна сила“ и не одговорил на повикот за примирје, соопшти неговиот кабинет во четвртокот, откако медиумите објавија дека дал зелено светло за примирје со Хезболах.

Сепак, канцеларијата на премиерот Нетанјаху издаде соопштение рано во петокот, во кое се вели дека израелските и американските официјални лица се состанале за да разговараат за предложениот прекин на огнот во Либан со посредство на САД и Франција и дека разговорите ќе продолжат во наредните денови.

Прекуграничната размена на оган меѓу Хезболах и израелската армија започна по почетокот на војната во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас.

Судирите се интензивираа по бранот експлозии на комуникациските уреди на Хезболах на почетокот на минатата недела, во кои загинаа 39 лица, а беа ранети 2.931, според либанските власти.

Макрон, исто така, ги повика САД да го зголемат притисокот врз Израел.

Тој нагласи дека Франција се противи Либан да стане нова Газа. Тој го повика Израел да ги запре нападите и Хезболах да престане да возвраќа.

Говорејќи на Генералното собрание на ОН, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, исто така, ги повика Израел и Хезболах да се обврзат на 21-дневен прекин на огнот што беше поднесен од неколку земји оваа недела.

„Поширока регионална ескалација нема да донесе долгорочна безбедност за никого“, рече таа за време на говорот во Њујорк во четвртокот.

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар им се придружија на западните земји, вклучувајќи ги САД, Франција, Канада, Германија и Јапонија, во повикот за тринеделен прекин на огнот во Либан.

Германскиот министер за надворешни работи рече дека иако недостатокот на напредок во примирјето меѓу Израел и Хамас е фрустрирачки, „не се откажуваме од барањето политичка визија за Израелците и Палестинците за да можат да живеат мирно рамо до рамо во две држави“.

„За мене откажувањето едноставно не е опција, бидејќи тоа би значело дека победуваат тероризмот и екстремизмот“, рече Баербок.

На почеток