Свет

Израелците срамнија три станбени згради со земја, шефот на Хезболах „недостижен“ по жестокиот удар на ИД

Во раните утрински часови Израел повторно гаѓаше цели во Либан, а борбени авиони безмилосно ги бомбардираа јужните предградија на Бејрут, пренесува Ал Џезира.

Три станбени згради во населбата Харет Хреик беа претворени во урнатини, а фотографиите и снимките од местото на настанот покажуваат огромни бетонски плочи расфрлани со купишта искривен метал и остатоци. Беа видливи неколку кратери, а во еден падна автомобил.

Бројот на жртви во последниот напад сè уште не е познат, а возилата за итна помош не можеа да стигнат до погодените области во областа Дахије поради интензитетот на ударот, јавуваат локалните медиуми.

Израелската армија вчера им нареди на жителите на јужен Бејрут да се евакуираат и предупреди дека планира да нападне три конкретни згради во областа. ИД објави карта на одредени области на населбата Дахије и рече дека жителите „се обврзани веднаш да ги евакуираат зградите и да се оддалечат од нив на оддалеченост не помала од 500 метри“.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во разговор со новинарите на Генералното собрание на ОН изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јасно ставил до знаење дека Израел „нема да запре додека Хезболах не биде уништен“.

– Ако толкувањето на уништувањето е иста приказна како со Хамас, тогаш влегуваме во долготрајна војна, смета Борел.

– Сега се обидуваме да извршиме дипломатски притисок за да се постигне прекин на огнот, но се чини дека никој не може да го спречи Нетанјаху, ниту во Газа, ниту на Западниот Брег, рече тој.

Тој рече дека го поддржува предлогот за 21-дневен прекин на огнот инициран од САД и Франција, кој Израел досега го игнорираше во Либан.

Високи команданти на Хезболах беа цел на израелски напад врз централниот штаб на групата во предградие на Бејрут во петокот, изјави во петокот висок израелски функционер.

Запрашан колку време може да потрае за да се одреди судбината на Хасан Насрала, висок израелски функционер рече „секако, ако е жив, ќе дознаете многу брзо. Ако е мртов, може да потрае некое време“.

Извор на Ројтерс близок до либанската вооружена група рече дека шефот на Хезболах Саид Хасан Насрала не бил достапен по израелските напади во петокот вечерта.

Извор близок до Хезболах изјави за Ројтерс дека Насрала е жив, а иранската новинска агенција Тасним исто така објави дека тој е безбеден. Висок ирански безбедносен функционер за Ројтерс изјави дека Техеран го проверува неговиот статус.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, на состанокот на Советот за безбедност на ОН за Блискиот Исток, го обвини Израел дека употребил неколку американски бомби „бункер-бастер“ за да го нападне Бејрут во петокот.

На почеток