Македонија на удар на силен и ладен атмосферски фронт: Температурите нагло ќе опаднат за 10 до 20 степени
Ладниот бран од север, поврзан со Атмосферски фронт, полека го зафаќа Балканскиот Полуостров. Што се однесува за времето во нашата Македонија, до крајот на денов ќе имаме претежно сончево и топло време со температури кои ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 33 степени.
Во ноќните часови од запад облачнота ќе се зголемува и од запад ќе започнат локални врнежи од дожд. Утре (недела) ќе има поголема облачност проследена со повремени локални врнежи од дожд, локално проследени со грмежи. Уште од претпладневните часови ќе започне да дува северен ветер, кој особено во попладневните и вечерните часови, како и во текот на ноќта кон понеделник, и во понеделник повремено ќе биде силен (над 60 км/час). Најизразен ветерот ќе биде Долж Повардарието.
Поради продор на многу постудена воздушна маса од север, утре (недела) попладне и навечер, како и во текот на ноќта кон понеделник не очекува нагло и големо заладување на времето, со пад на температурите за 8 до 1о степени, а во северните предели од државава дури и за околу 15 степени во споредба од оние кои ги имаме денес. Поради заладувањето, не се исклучува можноста и за провејување на снег на највисоките планински места во Македонија.
Утре преку ден температурите ќе се искачуваат во интервалот од 19 до 28 степени, додека како што напоменав попладнето и вечерта нагло ќе опаднат. Нјастуден ден ќе биде понеделник кога максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот само од 10 до 18 степени. Наутро пак во понеделник и вторник температурите на повеќе места ќе се спуштат и под 5 степени, а во Беровскиот регион, како и на повисоките и на планинските места тие ќе се спуштат и под нулата.
Во понеделник и во вторник во ноќните и во утринските часови можна е појава дури и на слана и на мраз на повеќе места во Македонија.
НАПОМЕНА: Оваа нагла и голема промена на времето која доаѓа во Македонија, особено лошо ќе се одрази врз метеопатите.
Да напоменам дека во регионот температурите ќе опаднат дури и за околу 20 степени.