Бајден: Убиството на лидерот на Хезболах е правда
„Убиството на Хасан Насрала е правда за многубројните жртви, меѓу кои и илјадници Американци, Израелци и либански цивили“. Ова го изјави американскиот претседател Џо Бајден откако стана јасно дека лидерот на либанската група Хезболах е убиен во израелските напади врз Бејрут, пренесе Франс прес.
Бајден ја потврди поддршката на САД за „правото на Израел да се брани од Хезболах, Хамас, Хутите и сите други терористички групи поддржани од Иран“.
„На секретарот за одбрана му беше кажано дополнително да ја зајакне одбранбената положба на американските воени сили во регионот на Блискиот Исток за да се одврати агресијата и да се намали ризикот од поширока регионална војна“, рече американскиот претседател.
Неговата изјава дојде кога Стејт департментот им нареди на членовите на семејствата на своите дипломати во Бејрут да си заминат. Во исто време, дипломатскиот оддел одобри заминување на некои службеници „поради нестабилната и непредвидлива безбедносна ситуација во Бејрут“.
Стејт департментот ги повика американските граѓани да заминат „додека сè уште постојат комерцијални можности“.