Спасовски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе коалицира со ДУИ наскоро, а тие му вратија: Да не се грижи, ДУИ не им го земаме
ДУИ и помага на ВМРО-ДПМНЕ, ние само ги гледаме потезите кои се влечат во Собранието во овој период и врз основа на тоа што се прави, ние излегуваме со ставовите, вели во интервју за Радио слободна Европа пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничка група, Оливер Спасовски. Тој потсети на изјавите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ е дефакторизирана и дека е минато во македонската политика.
-Вие се сеќавате дека премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по завршување на изборите и формирањето на владата рекоа дека ДУИ е минато во македонската политика. Дека ДУИ е партијата која за ништо не се прашува и не може да одлучува. Дека тоа е партија која е целосно дефакторизиран и никој нема да ја прашува за ништо. Дел од македонските граѓани дадоа поддршка на ВМРО-ДПМНЕ токму поради ваквиот пристап кон ДУИ. А ние во суштина што имаме после изборите? Со формирање на влада, дури и пред да се формира, веднаш имавме прва успешна средба и соработка или преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои се одвиваа во законодавниот дом, а се однесуваа за поддршка на Законот за организација на државната управа. Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е поставена на едни добри односи, рече Спасовски.
На ова му вратија од ВМРО-ДПМНЕ, кои му посочија на што треба да обрне внимание.
„Да не се грижи Спасовски и СДС, ДУИ не им го земаме, заедно од опозиција ќе гледаат како Македонија оди напред. СДС не знаат веќе што да направат, затоа што рејтингот им се топи како коцка мраз на +40°С. Сега се послаби од што беа на последните избори. Допрва следува ситнење во СДС заради нивните лоши политики изминативе 7 години, и никакво растурање на пердуви нема да им помогне да го спречат тоа. Пасокизацијата во СДС е процес кој тргна и нема назад. Спасовски наместо да се сокрие некаде и да се срами затоа што беше министер во МВР со најголем број на убиства за кои сторителите уште ен се фатени, тој излегува и дава изјави и интервјуа. Дали до толку СДС го потценува народот? И знаат ли дека се повеќе губат со тоа?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.