Стабилна ли е зградата во Чаир, ќе се вратат ли станарите дома: 30 часа беснееше пожарот, уште мириса на пластика
Повеќе од 30 часа гореше зградата на улица „Серава“ во Чаир, по што се отвори прашањето дали и колку е оштетена бетонската конструкција на зградата. Стотина жители, можат да останат без кров над глава, доколку се потврдат првичните сомнежи дека статиката на зградата е нарушена.
На местото се уште мириса на изгорена пластика, а станарите беа спасувани преку покривот. Станарите се уште чекаат одговор дали некогаш повторно ќе можат да влезат во своите домови, додека сите хоспитализирани поради вдишување на чад се пуштени на домашно лекување освен две деца кои беа задржани на Детската клиника.
Подрумите, односно магацинот каде избувна пожарот е преполн со вода. Од Обвинителството велат дека се очекува целосно завршување на истрагата, за потоа да се разјаснат деталите за причините за пожарот. Од Министерството за внатрешни работи велат дека работат на целосно расчистување на случајот.
„Бевме тука до 4:30 часот наутро и потоа пожарот беше локализиран, немаше повеќе чад или горење. Најмногу изгореле кабли, приклучоци, лустери, пластика. Тука бевме три смени и работевме без престан 24 часа, имаше околу 40 пожарникари во три смени. Состојбата на повредениот пожарникар е стабилна“, рече Ерол Али – заменик командант на противпожарната бригада.