Трамп се врати на местото на атентатот
Речиси три месеци откако за малку ќе го загуби животот кога куршум го промаши за милиметар на бината на митинг во Батлер, Пенсилванија, Доналд Трамп се врати на „местото на злосторството“ за да им вети победа на своите поддржувачи на претседателските избори.
Но, она што секако ја шокираше и изненади публиката е фактот што во еден момент со него на сцена излезе милијардерот Илон Маск и одржа краток говор по тој повод.
Технолошкиот претприемач кој ги лансираше Tesla и Space X и ја купи социјалната платформа X (поранешен Twitter) ги нарече претседателските избори на 5 ноември „најважните избори во нашиот живот“.
„Другата страна сака да ви ја одземе слободата на говорот. Тие сакаат да ви го одземат правото да носите оружје“, им рече Маск на толпата, додавајќи:
„Тие сакаат да ви го одземат правото на глас. Претседателот Трамп мора да победи за да го зачува Уставот. Мора да победи за да ја зачува демократијата во Америка“, рече Маск.
„Ако не го стори тоа, ова ќе бидат последни избори. Тоа е моето предвидување“, рече Маск.
Факт е, сепак, дека Трамп беше обвинет од демократите и многу републиканци дека сака да го поткопа Уставот и волјата на американските гласачи обидувајќи се да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година, на кои загуби од Џо Бајден.
Маск, кој често промовира теории на заговор и долго време го поддржува Трамп, редовно ја критикува противничката на Трамп, актуелната американска потпретседателка Камала Харис.
Трамп неодамна навести дека Маск би можел да предводи комисија за ревизија на финансиите на САД доколку победи на изборите „Маск треба да ги намали државните трошоци“, рече Трамп.
Заедно со Маск, Трамп дојде во придружба на неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
„Вие заслужувате влада која ги штити и почитува сопствените граѓани и го брани вашиот суверенитет, вашата безбедност, вашето достоинство и вашата слобода“, им порача Трамп на толпата со силен аплауз.