Свет

Пронајдени уште две тела во БиХ

Спасувачките екипи кои трагаат по жртвите од минатонеделните поплави во Босна и Херцеговина пронајдоа уште две безживотни тела во областа Бутуровиќ Поле, населба во општина Коњиќ.

Ова на новинарите им го потврди Хусеин Хоџиќ, началникот на штабот на Цивилната заштита во Коњиќ, кој рече дека телото на маж било пронајдено откако испливало од локалната река. Тој бил пронајден од екипи во чамци и телото е пренесено во обвинителството за да се утврди неговиот идентитет.

„Се уште трагаме по три жртви и се врши интензивно пребарување на теренот“, изјави Хоџиќ.

Тој посочи дека десетина села во општината се уште се отсечени од светот бидејќи се уништени локалните патишта кои водат до нив.

„Километри патишта не постојат“, рече тој, објаснувајќи дека тоа го отежнува работењето на тешката механизација која е неопходна за работата на расчистување на урнатините.

На тимовите за спасување од БиХ на теренот на Бутуровиќ поле, кое се наоѓа покрај брегот на Јабланичкото езеро, им помагаат припадници на Цивилната заштита од Хрватска, како и специјализирани тимови од Словенија.

Началникот на Единицата за интервенција на државната цивилна заштита во Риека, Синиша Бадовинац, изјави дека во таа област биле ангажирани 37 лица и две кучиња трагачи. Нивниот приоритет е да ги пронајдат телата на жртвите од поплавите.

Тој предупреди дека ситуацијата на терен е исклучително тешка.

„Кучињата и спасувачите буквално пропаѓаат низ калта и многу е тешко да се пробие теренот“, рече тој, но потврди дека екипите од Хрватска се подготвени да продолжат со работа, а доколку се појават барања, ќе заминат и на други локации исто така.

На почеток