(Видео) По „Претрес“ ќе се вештачи миксетата на починатиот Љупчо: од што почина? Родителите талкаат по одговори
Институциите се размрдаа откако мајката и таткото на 19-годишниот диџеј Љупчо Лешко јавно во поткастот „Претрес со Ландов“ ги изнесоа сите сомнежи и чудни околности за смртта на нивниот син. Три месеци не знаат што е причината за смртта бидејќи Судска медицина нема изработено обдукциски наод. Љупчо почина во приватна вила во Радишани. МВР објави дека причината е струен удар. Но, миксетата наместо на вештачење – останала кај сопственикот на вилата, кој ја вратил кај родителите, а родителите ја донесоа и во студиото на „Претрес“. Осум дена по поткастот – таа е одземена од нив.
Раде Лешко, татко на диџејот Љупчо Лешко, за „Скопје1“ откри дека од нив била побарана медицинска документација и комплетната опрема на неговиот син, за која претходно се разговараше во „Претрес“. Од нив се одземени шест предмети, меѓу кои и лаптопот и ДЈ-контролерот преку кои Љупчо пуштал музика критичната ноќ.
„По налог на јавен обвинител доставивме целокупна медицинска документација на Љупчо и неговата комплетна опрема, земена за вештачење во Крвни деликти“, вели Лешко за „Скопје1“.
Сепак, и натаму недостига причината за смртта. Семејството Лешко и натаму талка по одговорот – како почина Љупчо. Три месеци чекаат за обдукцискиот наод, кој Судска медицина не го изготвија. Наместо тоа, добија најава за можна кривична пријава, оти честото јавување со прашања, за директорот е притисок.
Според директорот на Судска медицина, Александар Станков, ова е само укажување, а не закана.
„Родителите и блиски роднини на покојниот во повеќе наврати се примени на разговор во Институтот за судска медицина, со нив е дополнително разговарано и им е дадено објаснување. Закани за кривична пријава кон нив немало од ниту еден вработен во Институтот, туку им е укажано дека вршењето на притисок врз службено лице може да резултира со кривична пријава. Работата на нашиот Институт не е брзо завршување на обдукционите наоди, туку нивно прецизно, точно и со докази и анализи поткрепено изготвување“, вели директорот Станков за „Скопје1“.
Сепак, родителите тврдат дека не биле на никаков разговор. Единствено таму била сестрата на Љупчо, Стефанија. Тие пак, посочуваат дека секојпат кога ќе се јавеле им велеле да ги побараат за два-три дена. Кети Лешко, мајка на починатиот Љупчо, бара Судска медицина да го докаже ова со снимки од надзорните камери, дека тие навистина биле таму на разговор.
„Како одговор на изјавата на директорот на судска медицина сакам да ви потврдам дека ние како родители никогаш не сме биле физички во судска медицина, туку од страна на доктор беше повикана нашата ќерка на информативен разговор само околу срцето на нашиот син, но не и за информации за причината за смртта, што беше изречито кажано од истата докторка. Понатаму, ако зборовите ‘Дека ако повторно пратиме блиско лице, или досаѓаме по телефон’, дека како службено лице вработено во таа институција има право да поднесе кривична пријава за вршење притисок и мешање во истрагата не е закана, тогаш не знам што е, ама укажување секако не е. Ако прашањата дали има резултати се мешање во истрагата или вршење притисок, во ред, ќе прифатиме. Сепак, мислиме дека не се. И ако е така, тогаш би го замолил директорот да им укаже на неговите вработени, кога ќе се јавиме да не ни викаат јавете се за два дена, три дена, другата недела итн. Нашата ќерка беше таму и имаше краток разговор за кој она ќе ви пише и ќе ви каже каков одговор добила“, вели Раде Лешко, татко на починатиот Љупчо.
Родителите посочија и дека вработен во МВР, уште на стартот на истрагата која го бара одговорот од што починал Љупчо, им кажал дека случајот ќе се затвори како незнајна смрт.