Македонија

Не може „повредените чувства” на Албанците да бидат поважни и повредни од чувствата на Македонците, вели професорката Груевска-Маџоска

Д-р Симона Груевска-Маџоска професорка од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ го искоментира Законот за употреба на јазиците. Таа упати апел да се почитува мислењето на Венецијанската комисија во кое стои дека Законот оди премногу далеку, наметнувајќи нереални обврски на институциите, особено што се предвидува употребата на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена.

„Прво, Македонците во Македонија не се етничка заедница, па Албанците да бидат втора., како што пишале во писмото албанските интелектуалци. Македонците се државотворен народ. Второ, Охридскиот рамковен договор е целосно имплементиран во Уставот уште во 2001 година. Сѐ што е донесено подоцна, вклучително и Законот за употребата на јазиците („во духот на Охридскиот рамковен договор”), е надвор од него. Трето, мислењето на Венецијанската комисија, како советодавно тело на Советот на Европа, мора да се почитува, ако сакаме да бидеме европска држава“, напиша Груевска-Маџоска.

Професорката додаде: „Четврто, не може јазик што не го разбираат 75 % од населението во Македонија да биде на исто рамниште со македонскиот. Невозможно е и државните институции ќе се блокираат. Петто, не може „повредените чувства” на Албанците да бидат поважни и повредни од чувствата на Македонците. Шесто, албанските интелектуалци треба да се засрамат од писмото што го потпишале, ако се вистински интелектуалци. Седмо, сигурно им е многу тешко на ДУИ во опозиција, откако во 2001 ја нападнаа сопствената држава како терористи и потоа 23 години удобно си седеа во фотелјите на власт и знаеме што правеа. Сега се закануваат пак со војна, што значи мир во Македонија ќе има само ако терористите се на власт“.

Груевска-Маџоска  порача: „не иде така, другари!“

На почеток