Палевски смета дека пиштолот на Боре Видевски е „клучот“ за расчистување на убиствата на Вања и Панче, за адвокатот обвинетите се заложници во постапката


Марјан Витановски, адвокат на Љупчо Палевски-Палчо смета дека Обвинителството во Скопје, треба да биде изземено гонењето за убиството на Вања и Панче да го преземе друго обвинителство. Витановски, посочи и кон обвинетиот Боре Видевски и кон пиштол кој наводно тој го поседувал. Според адвокатот, можеби токму со ова ќе се расчистел случајот, ако се поврзело тоа оружје со чаурата најдена на едно од местата каде се случија убиствата.
„Обвинетиот Љупчо Палевски смета дека ова е најпогодниот момент кога треба да бараме изземање, бидејќи јавниот обвинител ниту административно не проверил дали обвинетиот Боре Видевски има пиштол. При претресот на домот, констатирал само дека нема пронајдени предмети кои би се довеле во корелација со кривичното дело. Имајќи во предвид дека обвинетиот поседува таков пиштол, сметаме дека истрагата во еден дел е незаконска. Вештачената чаура, не беше доставена да се изведе како доказ. Сметавме дека ако истиот поседува оружје со дозвола, при добивање на дозвола, тоа се води во системот на МВР. Доколку бил одземен пиштолот од Боре Видевски, можело да се провери дали чаурата одговара на тој пиштол или евентуално на било кој пиштол кое некое лице го поседува со дозвола“, рече Витановски и продолжи:
„Имајќи во предвид дека сведоците предложени од одбраната, десет пати беа прашани дали Љупчо Палевски има пиштол, а никој од обвинетите да не биде прашан, сметавме дека некои работи на Обвинителството укажува на тоа дека се прави обид, Палевски да биде врзан со кривичното дело на било кој начин, за што и веќе реков, според доказите приложени кон обвинението, засега Палевски не може да се поврзе со ова дело. Ако се пронајде пиштолот од овие обвинети овде, нека се провери таа околност, па ние како одбрана ќе си продолжиме со други факти. Невозможно е, четири обвинети да имаме, еднаш го признаа кривичното дело, па го повлекоа тоа, за сега да немаат ни едно прашање да постават и да приговорат, што укажува дека тие можеби се заложници во овој кривично-правен настан и веќе преговарале за исходот на постапката, а се од причина единствено првообвинетиот биде лицето кое го извршиле ова кривично дело“.
