Палчо бара изземање на обвинителката и Обвинителство, тврди дека го кријат оружјето со кое биле убиени Вања и Пaнче


Првообвинетиот за убиството на 14 годишната Вања и велешанецот Панчо, Љупчо Палевски Палчо на денешното рочиште се обрати директно до државниот обвинител Љупчо Коцевски со барање за изземање на обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска и цело ОЈО Скопје.
„Не сум оптимист за вашата правична одлука, но нека остане пишан документ каква криминална истрага спровеле вашите вработени. Причините и доказите се содржани во двата обвинителни акти кои се споени во една судска постапка но и во записникот за лажно сведочење на сведок на ОЈО. Ова се докази кои ги приложувам заедно со докази од вештачење на „ајфон“, податоци од базни станици целосна нефалсификувана телефонска анализа. Јосифовска иако ги знела фактите од нејзините докази кои ги предлага без да го вештачи телефонот на сведокот, а со намера да ги негора моите искази кои како осмничен сум ги дал во ОЈО, донесе сведок за кој со докази се покажа дека сведочи лажно. Но криење на оружје од еден обвинител 421 ден не ја расчистува таа важна околност – дали обвинетиот или обвинетите поседуваат оружје со дозвола или без дозвола. Но сеедно најсериозно кривично дело е што еден обвинител може да го направи во судски процес за двојно убиство. На сведоци од ДЕСНА им постави прашања дали виделе пиштол во мојата канцеларија додека во девет искази пред ОЈО Скопје на ниту еден од обвинетите ниту еднаш не поставила ниту едно прашање дали поседуваат оружје. Расчистување на таа околност го преземала исклучително кон мене како обвинет, а МВР известила дека мојот пиштол е одземен 6 месеци пред овој случај и дека има прекршочна казна. По добивање на само дел од доказите веднаш ја воочив оваа неправилност во истрагата”, рече Палевски.
Палевски посочи дека Јосифовска, заборавила во листа на докази да ја стави чаурата која е вештачена и пронајдена на местото Рудник а е евидентирана од ЈО Велес.
„Затоа јас ја приложив чаурата како доказ на обраната. Ви доставувам и доказ за сторено кривично дело од Јосифовска. Обвинетиот Боре Видовски поседува пиштол со калибар 9 мм и дозвола издадена на 15.01.1999 година, а исто така поседува и ловна пушка мозберг 54199 од 12 мм калибар и дозвола издадена на 14.02.2001 год. Вакви злосторства се вршат со оружја купени на црниот пазар но затоа обвинителот е должен на почеток на истрага оваа околност да ја расчисти затоа што покажува обележје на кривично дело. Зошто тоа обвинителката не го сторила – треба да одговори”, посочи на рочиштето.
Вели во МВР се уште постојат правдољубиви луѓе кои му ги доставиле доказите на него, преку одбраната.
Грдата слика на целиот правосуден систем, Палевски смета дека се последица на извршувања на политички наредби од страна на јавни обвинители затоа што, како што рече, никој нормален човек не може да најде разбирање за непоставување на едно прашање на пет обвинети дали поседува оружје или не со дозвола.
Истрагата за него е пристрасна, нецелосна и незаконска.
