Клучниот сведок Гоце Трајковски денеска нема да сведочи за убиствата на Вања и Панче


Еден од клучните сведоци, Гоце Трајковски нема да сведочи на денешното судско рочиште за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, информираат од Јавното обвинителство.
Денешното рочиште продолжи со прикажување видео-снимки како докази од страна на Обвинителството.
Гоце Трајковски е еден од клучните сведоци во случајот со грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој требаше да се појави на рочиштето на 15 ноември минатата година, но неговата мајка Кираца Трајковска, кажа дека не можел да се јави на судската расправа поради паничен напад и висок крвен притисок.
Според досегашните искази на сведоци во случајот, Трајковски и таткото на убиеното 14-годишно девојче, Александар Ѓорчевски, воделе паралелна истрага со онаа на полицијата по исчезнувањето на Вања.
Инаку, Трајковски е осомничен за палење на угостителски објект во Кисела Вода и до минатата недела, по што побегна о не беше достапен за органите на прогонот. Во четвртокот самиот се предал во полициска станица.
