(Видео) Снимките ќе го разоткријат Палевски, чудно е како ги има записниците што се само за Обвинителството, вели обвинителката
Со снимките кои ги презентираме, јавноста ќе биде запознаена кои дејствија ги презел Љупчо Палевски-Палчо, па го искористи моментот да преку барање за изземање, ја сподели неговата одбрана. Ова го искоментира обвинителката Жаклина Јосифовска-Крстевска пред новинарите, која рече дека се чуди како Палевски ги има записниците за сослушување на осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството. Според неа, никој друг не ги поседува, освен Обвинителството.
„Доказите се приложени во списите на предметот. Очигледно е дека со презентирањето на видео записите се приближуваме кон делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија ги презема конкретно обвинетиот Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметните настани“, вели обвинителката.
Обвинителката не одговори конкретно на прашањето дали Боре Видевски поседувал оружје, а кое се наметна откако Палевски рече дека според него, тоа е клучот на случајот. За обвинувањата на Палевски дека другите обвинети преговарале со Обвинителството, обвинителката негираше.
„Многу чудно е како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи кои што се само за обвинителството, а не се доставени ниту на увид, ниту на одбраната примерок, па многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста“, додаде обвинителката.