Судскиот совет оформи Комисија за пресудата за возачот што ја усмрти Фросина
Судскиот совет на денешната седница формира Комисија од тројца кои ќе ја испитуваат пресудата на судијката Даниела Алексова Стојановска од Кривичниот суд, за возачот Васил Јованов за делото трговија со дрога.
Јавноста реагираше на судиската одлука, полнолетниот Јованов, за продажба на марихуана и таблети наместо во затвор, да се испрати во поправен дом.
Поради жалбената постапка, пресудата сега се наоѓа во второстепениот суд и осудениот никогаш не заминал на воспитување во Тетово.
,,Комисијата на Судскиот совет ќе треба да направи увид во предметот за возачот што ја усмрти Фросина Кулакова”, изјави претседателот на Судскиот Совет, Александар Камбовски.
Ќе се ,, чешла” пресудата на судијката Даниела Алескова Стојановска.
,,Треба внимателно да постапува комисијата, да не створи притисок врз апелационите судови бидејќи тие нормално треба да одлучат по таа првостепена пресуда. Ако е добра ќе ја потврдат. Ако сметаат дека не е во ред, дека постојат одредени повреди на постапката, ќе ја укинат или можеби ќе ја преиначат. Затоа треба комисијата внимателно да изврши увид и откако ќе заврши со увидот, ќе направи свој извештај. Ќе се постапува паралелно. Меѓутоа, убаво би било да внимаваме бидејќи не сакаме да почувствува Апелациониот суд некаков притисок од наша страна. Доволен е притисокот што веќе го има од јавноста врз тој суд”, истакна Камбовски, по седницата на Судскиот совет.