Македонија

Покачена минимална плата за 6.000 денари, државата да субвенционира работодавачи, бара ССМ: Ако бидат безобразни, ние ќе бидеме двојно побезобразни

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) велат дека ако некој се одлучи да биде безобразен, тие ќе бидат двојно побезобразни, барајќи минималната плата да се зголеми за 6.000 денари . Тие бараат работодавачите да бидат ослободени од плаќање на придонеси за дополнителното зголемување на платите на работниците.

„До Владата, пратениците и претставниците на работодавачите ќе го доставиме следното: утврдување на минималната плата, донесување на одлука од страна на социјалните партнери за утврдениот износ на минималната плата да се зголеми за 6.000 денари. Тоа што предлагаме е дополнителното зголемување на платите во приватниот и јавниот сектор да се случат задолжително, а да бидат субвенционирани за делот на придонесите за разликата од законското усогласување на минималната плата до зголемувањето на минималната плата за 6.000 денари. Работодавачите да бидат субвенционирани за плаќање на придонесите за социјално осигурување во период најдолго за 12 месеци“, рекоа од ССМ.

Според нив, минималните плати во регионот се од 400 до 800 евра.

„Бараме на државата, на непредвидените приходи од придонесите за задолжително социјално осигурување, да се откаже на период од 12 месеци или да субвенционира за работодавачите во приватниот сектор, за да ги зголемат платите за стотина евра. Со тоа што ние ќе добиеме зголемени плати, ние нема да одиме во банка, за да ги штедиме парите кои ќе ги добиеме, туку да ги купиме најосновните прехранбени производи, кои се даночат со 5, 10, 18 проценти. Па така, минимум 15 проценти од овие зголемувања на плати ќе се вратат во буџетот“, рекоа од ССМ.

„Во месец март, пензионерите за шест месеци добиваат 5.000 денари зголенување на нивните пензии, ние работниците кои ги плаќаме придонесите за задолжително социјално осигурување, заслужуваме повеќе“, додадоа од ССМ.

Тие велат дека ако Владата или работодавачите го отфрлат предлогот, пратениците треба да искочат на нивото на задачата.

„Наместо да земаат по 2.000 / 2.500 евра патни трошоци, да гласаат за платите на работниците да се зголемат за стотина евра, со ослободување од плаќање на придонесите. Денеска дојде време да бирате дали сте за или против работниците“, додадоа тие.

На почеток