Македонија

Ѓорчев во Вашингтон: ВМРО-ДПМНЕ силно ќе соработува со САД и Републиканската партија

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, во Вашингтон оствари средба со Јан Ерик Суротчак, новиот директор на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за трансатлантска стратегија и досегашен директор на ИРИ за Европа.

Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорчев го информирал соговорникот за актуелната политичка состојба во Македонија, по завршувањето на референдумот од 30. септември, што го оценил како неуспешен.

„Граѓаните го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и ЕУ, но очигледно дека меѓу народот има голема недоверба кон политиките на Зоран Заев“, истакнал Ѓорчев и додал дека економските индикатори се влошуваат, заедно со политичкиот прогон и слободата на медиумите, како и општото назадување на Македонија во повеќе области.

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ се заблагодарил за долгогодишната соработка и помош од ИРИ за неговата политичка партија која трае веќе 25 години.

„ВМРО-ДПМНЕ силно ќе продолжи да соработува со Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и со Републиканската партија, како дел од стратешкото партнерство на Македонија со САД. Воедно, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги негува односите и соработката со НДИ и Демократската партија, затоа што политичките односи со САД ги надминуваат партиските рамки и се одржуваат без разлика кој е власт или опозиција во двете земји“, рекол Ѓорчев и додал дека токму владата на ВМРО-ДПМНЕ го иницирала и го потпишала Договорот за стратешко партнерство на Македонија со САД во 2008 година.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток