Херој! Јован спасил над 20 деца од пожарот во дискотеката на смртта; Сведоштво: Син ми го носеше на грб низ чадот!


Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов од Виница е еден од хероите од големиот пожар во Кочани. Tој без двоумење влегол во опожарениот објект и успеал да спаси повеќе од 20 деца, откако претходно ја натопил маицата со вода и ја ставил на лицето да се заштити од огнот пред да тргне во херојскиот подвиг.
Јадранка Бреслиева, мајка на син кој бил спасен од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, преку социјалните мрежи му изрази огромна почит и благодарност на младиот Јован.
-Со голема благодарност и емотивна почит, би сакал да го споделам херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој не само што ги спаси животите на 21 деца во трагичната несреќа во ноќниот клуб во Кочани, туку го спаси и мојот син. Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот. Јован е вистински херој – младо момче со големо срце и неописива храброст, кој го ризикуваше својат живот за да спаси туѓи животи. Јован на тебе ти го должам новото утре, новата насмевка, новата надеж и новиот живот на мојот син. За тебе нема зборови кои можат да го искажат моето благодарност и почит. Благодарност од дното на срцето. Ти ми го даде најголемиот подарок што може да го добие една мајка, го спаси животот на моето дете. Ти ќе останеш засекогаш во моите молитви и во нашите срца, пишува Јадранка Бреслиева.
Граѓаните во многу објави на социјалните мрежи му се заблагодаруваат на Јован, за кого велат дека е „тивкиот херој“ на драмата што ја зави цела Македонија во црно, му се восхитуваат и ги повикуваат властите да му доделат орден за храброст.
