Коцевски добива шанса од Мицкоски, постапката за разрешување му е паузирана – кажано е и што се очекува од него


Премиерот Христијан Мицкоски, чија Влада ја покрена постапката за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љубомир Коцевски, сега му дава шанса да работи. Според Мицкоски, постапката ќе застане таму каде што се наоѓа во моментов, а тоа е во Советот на обвинители.
„Во овој момент имајќи ја в предвид чувствителната, планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои работат посебно на случајот кој се случи во Кочани, треба да работат и да сработат. Кога кажав дека сме задоволни, впрочем можев да видам дека има заедничка акција и работа помеѓу МВР и ЈО кое резултираше со 34 обезбедени лица, кои имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај, но ќе повторам, тука нема да застанеме, случајот ќе се проширува“, рече Мицкоски.
Но, Мицкоски има и други очекувања од Коцевски.
„Јавноста е чувствителна на некои случаи од минатото, па ќе почекаме да видиме дали ЈО има амбиција да констатира неправилности од минатото и дали би можело тие случаеви да ги преразгледа и да видиме дали сме сите за правда или таа ќе биде селективна. Да видиме дали таа правда е некогаш добиена или е селективна. Како Влада го охрабруваме, да се движи во таа насока и секој што направил било каква грешка да биде санкциониран“, рече Мицкоски.
