(Видео) „Кој е следен“ бараат јавно објавување на документацијата за сите трагедии: Не земаме патни трошоци, а системот не функционира 30 години


На т.н. народно Собрание, иницијативата „Кој е следен?“, бара институциите да ги објават сите документи поврзани со проверките на дискотеката „Пулс“, но и транспарентно да се објави документацијата за „Беса Транс“, „Дурмо турс“, „Онкологија“, „Тетовската модуларна болница“. Ова е прилично ново барање, бидејќи до пред една недела, тие ја бараа документацијата само за дискотеката во која загинаа 59 лица. Според Борјан Ефтимов, дел од иницијативата, системот во Македонија не функционира од самото нејзино постоење. Ефтимов побара морална одговорност и од приватниот сектор, односно коморите и здруженијата на угостители, да ги едуцираат своите членки како да ги заштитат гостите односно потрошувачите.
„Во однос на случајот Пулс, нашата инциијатива, разбирливо има дилеми дали институциите, правосудните и државните, ќе ја спроведат правдата на достојно ниво, па затоа бараме транспарентно и целосно да се објави документацијата за работењето на клубот од 2012 годинапа до денес“, рече Борјан Ефтимов, дел од иницијативата.
Игор Антов, исто така дел од иницијативата, рече дека бараат улици кои ќе бидат само пешачки зони, но и софтвер каде граѓаните ќе можат во реално време да гледаат кој инспекторат, кој угостител го проверил, а каде проверките затаиле.
Во изјавата, Ефтимов рече дека тие не се дел од никакви политички структури, дека се оградуваат од сите. Посочи и дека не земале патни трошоци за да дојдат на народното Собрание и лути им се на пратениците кои не смогнале сили да влезат во Законодавниот дом и да дискутираат за проблемите на граѓаните.
