Македонија

Филипче влезе на состанок со Мицкоски: Јас сум внимателен оптимист

Во овој состанок нема етничка основа, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој отиде на средба со премиерот Христијан Мицкоски. Тој од пред Владата посочи дека очекува конструктивен разговор.

„Очекувам конструктивен разговор, навистина ми е драго што премиерот го прифати состанокот уште веднаш. Жалам што одредени политички партии уфрлија етничка димензија. Повикот за меѓупартиска средба е за сите партии. Ќе поразговараме за темите кои сметам дека заеднички треба да се менаџираат. Темите ги нафрлив вчера, денеска ќе се обидам подетално да му ги објаснам, така како што мене ми е размислувањето. Отворен сум да разговараме за сите опции. Внимателен оптимист сум“, рече Филипче.

Иницијатор на средбата беше Филипче, кој претходно истакна свои барања и рече: „Системот очигледно на многу места не функционира како што треба, јавните сервиси немаат прерформанс каков што граѓаните навистина заслужуваат и за тоа вина имаме сите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, другите политички партии на Албанците и останатите партии. Сметам дека, слушајќи го овој аларм и барањата од граѓаните, потребно е да се направи еден систем, една нова форма на политички и општествен дијалог во кој ќе се вклучат сите политички партии пред сè најголемите и секако други чинители во општеството со цел да се изготват стратешки документи врз основа на кои ќе се направи стратегија врз основа на која државата ќе функционира повеќе од една деценија, деценија и пол или две децении – многу повеќе од мандатот на која било влада и партија или коалиција која ќе ја води. Во некои области очигледно мора да знаеме каде одиме“.

На почеток