ЛДП и ДС се за една изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува


По трет пат ЛДП предлага Македонија да биде една изборна единица.
Ова досега беше одбивано во претходните два парламентарни состави.
Од ЛДП сега очекуваат поддршка од пратениците.
„И денес, како и претходно, даваме силна поддршка за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик. Ова не е нова иницијатива на ЛДП. Ја нагласуваме потребата од праведен и транспарентен изборен модел, кој ќе обезбеди еднаквост на гласот и директно на граѓаните во изборот на нивните претставници. Цврсто веруваме дека оваа промена ќе донесе поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија во нашата земја”, вели Љубен Аврамовски портпарол на ЛДП.
„Ваквите измени ќе значат силен поттик на демократизација на изборниот процес и на државата во целина, како и демонтажа на еднопартискиот систем на владеење и зголемување на одговорноста на извршната и законодавната власт“, вели лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
Во врска отворените листи, Трајанов вели дека искуствата во другите држави покажале многу слабости. Предлагаат на претстојните локални избори да се почне со отворени листи за советници само во неколку општини и тоа Центар, Струга и Гевгелија.
Премиерот Христијан Мицкоски за предлогот на ЛДП за воведување една изборна единица во новиот Изборен законик рече дека пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ ќе поддржи предлог за една изборна единица со право да гласа и дијаспората.
