Нетанјаху: Израел е на чекор до постигнување на своите цели во Иран


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека земјата е „многу блиску“ до остварување на својата мисија за елиминација на двете главни закани од Иран – балистичките проектили и нуклеарната програма.
„Ова е режим што отворено сака да не’ уништи. Затоа ја започнавме оваа операција – за да ги отстраниме двете директни закани за нашето постоење“, изјави Нетанјаху за израелските новинари во неделата.
Тој нагласи дека Израел нема да дозволи да биде вовлечен во долготрајна „војна на исцрпување“, но дека нема ниту предвреме да ја заврши операцијата.
„Ќе дејствуваме онолку колку што е неопходно – ни помалку, ни повеќе. Кога ќе ги постигнеме целите, операцијата ќе заврши, а борбите ќе престанат“, рече премиерот.
Според него, иранскиот подземен нуклеарен објект во Фордо бил „сериозно оштетен“ во американските воздушни напади со специјални бомби за пробивање бункери, но обемот на уништувањето сè уште се утврдува.
Во однос на иранскиот ураниум обогатен до 60% – што е речиси до нивото од 90% потребно за нуклеарно оружје – Нетанјаху рече дека Израел внимателно го следи тој процес.
„Тоа е клучна компонента на нивната програма. Не единствена, не доволна самата по себе, но многу важна. Имаме интересни информации за тоа, но нема да ги споделам во овој момент“, додаде тој.
Иран, пред израелските напади од 13 јуни, имаше рафинерирано ураниум до 60% чистота – ниво кое е значително над дозволените 3,67% според нуклеарниот договор од 2015 година, од кој САД се повлекоа во 2018 под администрацијата на Доналд Трамп. Техеран најави дека ќе се брани „по секоја цена“.
