Македонија

Адвокати со жестоки критики по доживотните казни за убијците на Вања и Панче – на повидок жалби и обвинувања кон Обвинителството

По изрекувањето на доживотни затворски казни за четворицата обвинети за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, нивните адвокати најавија жалби до Апелацискиот суд, оценувајќи дека пресудата е донесена без докази и без темелна правна анализа.

Страшевски: Пресуда по шаблон, обвинение без докази

Јовица Страшевски, адвокат на Љупчо Палевски, изјави дека не сака да ја коментира пресудата сè додека не го добие нејзиното образложение, но нагласи дека Обвинителството било „конфузно и без еден единствен доказ“. Според него, Судот ја донел одлуката буквално според напишаното во обвинителниот акт, без да постои ниту разумен сомнеж за вината, притоа посочувајќи дека ова било „циркус“.

– Во завршниот збор, целиот фокус беше на таткото на детето, кој денеска, според мене, заслужено доби ослободителна пресуда. Обвинителството немаше ништо ниту за него, ниту за Палевски – рече Страшевски.

Манев: Панче бил жив во 12:30, а судот вели дека бил убиен во 10 часот

Адвокатот на Боре Видевски, Бојан Манев, ја оспори пресудата укажувајќи на нелогичности и фактички противречности:

– Судот тврди дека Панче бил убиен меѓу 10 и 10:30 часот, но цела држава виде снимка како е жив во 12:30 на бензинска во Велес. А како може некој да го убие човек што не го грабнал? Пресудата е целосно неиздржана – изјави Манев.

Ефремов: Без Кешишев, жртвите немаше да бидат пронајдени

Игор Ефремов, адвокат на Влатко Кешишев, истакна дека Судот не ги ценел доволно олеснителните околности и придонесот на неговиот клиент во расветлување на делото.

– Кешишев беше клучен за пронаоѓање на телата и откривање на методот на грабнување. Дејствувал под страв и притисок од Палевски, но Судот не го препозна тоа – рече Ефремов, најавувајќи жалба.

Туфегџиќ: Александар Ѓорчевски невино вмешан – институциите должни да одговорат

По ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, неговиот бранител Владимир Туфегџиќ упати сериозни обвинувања до Обвинителството и институциите вклучени во истрагата.

– Денешната одлука е законита, но празна. Не добивме одговори на клучните прашања – зошто беше киднапирано и убиено детето, и зошто Александар воопшто беше вклучен во постапката без ниту еден доказ – изјави Туфегџиќ.

Тој потсети на сведочењата на обвинетиот Велибор Манев, кој уште во декември 2023 открил дека од 2022 се подготвувале планови за киднапирања и убиства.

– Институциите мора да одговорат: како е можно овие луѓе да не бидат детектирани на време? И дали имаа логистика во државни структури? – праша Туфегџиќ.

Во однос на евентуални кривични пријави против јавните обвинителки, Туфегџиќ рече дека Александар Ѓорчевски нема волја за гонење, но остро ги критикуваше обвинителите како „конфузни“, обвинувајќи ги дека денеска незаконски побарале продолжување на притвор кој по закон автоматски се укинува со ослободителна пресуда.

Жалбената постапка ќе продолжи пред Апелацискиот суд, а јавноста бара одговори што се уште недостасуваат.

На почеток