Македонија

Гога, Стевче и Блерим два месеци ќе излегуваат и од фрижидер, па ќе не заборават

Од вечерва почнува „Балот на вештер(к)ите“, Стево, Гога и Блерим ќе се пуштат на најјако

Од вечерва по полноќ, кога и да пуштите телевизор, отворите социјални мрежи, излезете на улиците единствено што ќе има околу вас се фотографии од претседателските кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова и Берим Река. „Балот на вештер(к)ите“ ќе трае до петти мај, односно, до крајот на вториот круг.

Како што беше пракса и во претходните изборни циклуси, така и овој, ќе се изнаслушаме низа обвинувања, ќе видиме „ниски“ удари, а целиот изборен театар ќе треба да не убеди да гласаме за еден од овие тројца кандидати.

Гога ќе си биде патриотка, името нема да го дава – иако е дадено.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе игра на „патриотската карта“. Таа два месеци ќе купува гласови убедувајќи ги сите дека ќе стори се за да го поништи договорот од Преспа, дека ќе го врати старото име на државата, а притоа, ќе тврди дека ќе се откаже од претседателските привилегии. Како реномиран професор по право и самата е свесна дека договорот од Преспа и Северна Македонија е нешто што не може да се промени. Но, таа е должна да ја следи праксата на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски. Од нејзината уста ќе излегуваат ветувања, за кои ни самата не е сигурна дали ќе може да ги реализира. Кампањата ќе ја спроведе Мицкоски подготвена во неговата кујна, иако Силјановска тврди дека тоа нема да е така. Силјановска ќе ги бара и гласовите на Албанците. Ова ќе биде мошне лицемерно, ако го земеме в предвид фактот дека таа е жесток критичар на двојазичноста, а за тоа од јавноста доби етикета дека е „албанофоб“. Друг аргумент е дека со изборот на Силјановска би се повторило сценариото со Иванов и дека не ни е потребно нов „волк во јагнешка кожа“.

Стево знае само на државно, за живот со 12 илјади денари не слушнал.

Стево Пендаровски е навикнат да биде плаќан од државата. Тој практично и не знае како е да се работи осум часа на ден, за ниска плата, со куп проблеми, за газда со комплекси, да биде понижуван и со 12 илјади денари да прехрани жена и деца. Пендаровски од 1998 година до 2019 е под државна капа. Можеби токму тоа е причината што практично овој кандидат не знае колку тешко се живее во Република Северна Македонија. Бидејќи таа проблематика не му е позната, кандидат од СДСМ, главен аргумент ќе му се ЕУ и НАТО. Секое ветување ќе се темели на ЕУ и НАТО, оти секојдневниот живот на граѓаните е непозната тема за него. Нема да ја остави ниту Силјановска на раат, ама за оваа цел тука е ПР кујната на СДСМ и Заев која ќе биде уклучена на „најјако“. Очекувано е Пендаровски да потсетува на лошите времиња од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а Силјановска да ја споредува со претседателот во заминување, Ѓорге Иванов кој ќе биде запаметен по аболицијата дадена за функционери од неговата партија.

Река, Етнички кандидат за „држава за сите”

Река изразува државнички амбиции, иако истакнува дека ќе се ангажира против моделот на владеење кој е базиран на култот на личноста. Тој во досегашните медиумски настапи се изјасни дека „само со македонски кандидати, без ниту еден Албанец, оваа мултиетничкa држава ризикува да се претвори во моноетничко општество, а Албанците да станат само гласачи, но не и оние за кои ќе се гласа”. Тој како добар познавач на правото, но и на меѓународните односи, со околу дваесет објавени научни дела, на избирачите им се нуди како Албанец, потврдувајќи ја својата политичка позиција на непреминување на етнократскиот рубикон, кој во нашата земја е присутен од 1990-те години од минатиот век, и политички е многу профитабилен. Река очекува да освои околу 120 до 150 илјади гласови. Нема двоумење дека во овој контингент гласови, професорот Река ги пресметал етничките гласови на Албанците во Северна Македонија! И да се реализира во целост според проекциите на Река, оваа цифра ниту одблизу не се приближува до можноста за пласирање во вториот претседателски круг.

Во секој случај, овие три лица, но и нивните помошници, ќе ги гледаме насекаде. Ќе ни тропаат на врата, ќе ни ѕиркаат низ прозор, ќе ни се дерат на локалните плоштади за време на митинзите, едноставно нема да не остаат на раат. Тоа секако ќе трае два месеци. Откако ќе заврши кампањата, некој од нив ќе се всели во вилата на Водно, а потоа, ќе ни ни речат дека ние постоиме и дека тие не измислиле нас.

На почеток