Нема да има промена на граници, ниту размена на територии категоричен е претседателот на косовското собрание, Кадри Весели. Во интервју за Дојче веле Весели тврди и дека Приштина нема ниту да дозволи формирање на заедницата на српски општини на северот на Косово.
По појавувањето на идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија, како еден од можните начини за целосно нормализирање на односите, секојдневно има реакции од двете страни.
Косовскиот претседател Хашим Тачи, за кого се верува дека е застапник на идејата од косовска страна, се соочи со низа опструкции и критики, како од владата така и од опозицијата во Приштина.
„Верувам во идејата дека Прешевската долина треба да му се приклучи на Косово. Никој не може да убеди поинаку. Овие прашања не можат да бидат употребувани за политички поени или лични добивки“, изјави Тачи по средбата со политичките претставници на Албанците од Прешевската долина.
Размената на територии стигна и во Брисел пред минатата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина, но и таму не наиде на одобрување. Помал дел од европските дипломати сметаат дека предлогот има потенцијал да стане идеално решение и дека Белград, за разлика од Приштина сериозно ја разгледува идејата. Но мнозинството тврди дека размената на територии ќе ги отвори старите рани и ќе предизвика нова серија насилства на Балканот.
Извор: Телма