Македонија

Презентирани начините за добивање субвенции за организиран туристички промет пред тур-операторите во Охрид

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот денеска во Охрид пред домашните тур-оператори ги презентираше начините за поднесување барање за субвенции.
Директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски во обраќањето нагласи дека има доволен буџет за исплата на сите поднесени субвенции. Минатата година за таа намена биле потрошени 77 милиони денари.

– Субвенциите редовно се исплаќаат, буџетски средства има. Во 2018 година најавив дека во координација со сите субјекти во туризмот треба да создадеме нов систем на субвенционирање, кој ќе помогне и дополнително ќе го зајакне македонскиот туристички сектор. Лични мои предлози се измени во исплатата според категоризацијата на сместувањето, преку зголемување просечниот престој во земјата, зависно дали туристи се носат во или надвор од сезона… Се надевам дека во таа насока ќе бидат и елементите кога се во прашање изедначувањата на одредени пазари, рече тој, притоа уверувајќи ги претставниците на тур-операторите дека секој субјект што има поднесено исправна и целосна документација за субвенционирање ќе добие помош од државата.

Тур-операторите пак призаваат дека субвенциите што ги дава државата за поддршка на туризмот придонесуваат за покачување на туристичкиот промет, со најмногу забелешки со забелешка дека се соочуваат со одредени технички проблеми, меѓу кои толкувањето на правилникот, како и некои нелогичности.

– Субвенциите се исплаќаат редовно, но има одредени законски толкувања што пречат, оттаму потребата од измени во легислативата и начинот на определувањето на субвенционирањето, изјави Асим Челик од туристичка агенција „Охрид холидејс“ што е македонскиот партнер на „ТУИ“.

Според досегашната практика, за секој турист од странство донесен со авионски превоз преку тур-операторите државата преку субвенции плаќа по 65 евра. Проблемот, според тур-операторите е тоа што таа субвенција за гости кои престојуваат во хотел од висока категорија можеби не е многу, но за приватно сместување каде цената на сместување е пониска од самата субвенција укажува на нелогичност.

Инаку, податоците на „Евростат“ покажуваат дека Република Северна Македонија минатата година бележи највисоко ниво на зголемување на вкуониот број ноќевања на европско ниво и тоа за 22,1 отсто, како и оти за прв пат после девет години се зголемил и просечниот престој на туристите во земјата.

На почеток