Тамара Тодевска со „Proud“ вечерва ќе настапи во финалната вечер на 64. Евровизија, што се одржува во Тел Авив, Израел.
Тамара Тодевска четврти пат учествува на Евровизија, но првпат како солист. Таа ќе настапи под реден број 8, а придружни вокали ќе ѝ бидат Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев. Автори на песната се Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, а текстот е на Коста Петров и Сања Поповска. Спотот е во режија на Чедо Поповски.
Во финалето ќе настапат 26 земји, а ќе можат да гласаат сите учесници, односно 41 земја.
Пласман во финалето од втората полуфинална вечер обезбедија и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта, а од првата полуфинална вечер – Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија. Директен пласман во финалето покрај домаќинот Израел имаат Франција, Италија, Германија, Шпанија и Велика Британија.