Македонија

Охридските екологисти ставени под медиумско ембарго?

Никој не го слуша крикот на екологистите од Охрид и веќе трет ден во локалните медиуми нема ни збор за објавата на „Охрид СОС“ кои на Фејсбук обелоденија скандал со депонирање на градежен шут и материјал во срцето на Студенчишко Блато кое е заштитена зона на ендемска флора и фауна.

За овој скандал деновиве ќе треба да се произнесат и централната и локалната власт.

Интегрално го објавуваме постот на Охрид СОС:

ДЕПОНЕНТИ

Додека Општина Охрид и Ohridski Komunalec по медиумите се фалат дека комплетно ја исчистиле дивата депонија кај локалитетот Мауцкер, никој од нив не сака со жителите на општината, со своите сограѓани да сподели дека на другата страна на градот, во изолиран појас, најистурен дел од Студенчишко Блато, за жал отсечен со изградбата на неколку локални улици кои ја спојуваат главната сообраќајница и рекреативната патека, но сепак со флора и фауна типична за блатни екосистеми, се депонираат огромни количини земја, градежен шут, и локалитетот од ден на ден енормно се шири.

Некој свесно уништува природно живеалиште, за одредена цел. Иако тука има и приватни парцели, помеѓу нив има и државно земјиште. Кој одобрил, кој дозволува или кој замижува за овие активности? Овие ли се приоритетите на Проф. д-р Јован Стојаноски – Градоначалник на општина Охрид? Сега на оваа локација, утре каде? Претходно, недалеку оттука, се исекоа десетици стари стебла, и сè уште ниедна институција не се прогласи за надлежна, односно не се дозна кој дал одобрение за сеча. За таква транспарентност баравте мандат?

По сè изгледа, Горица е новото градежно Елдорадо, целиот овој зелен појас е на мета на урбаната мафија, на сопствениците на имоти, на инвеститорите, на локалната самоуправа. Секој со својот интерес и пресметка. Тоа се виде и на последната „јавна расправа“ во општинската зграда, каде сакаше да се протурка т.н. Нацрт Извештај за стратегиска оцена на влијанието на животната средина за УПВНМ за дел од ТК Горица, плански опфат 2 во КО Охрид 4, Општина Охрид. Изготвувач беше консултантската куќа „Енвиро ресурси“, истите оние кои подготвуваа вакви нацрти и за ТРЗ Љубаништа, оној мегаломански проект на Субрата Рој.

Нова власт, исти навики, исти постапки. Дали е ова таа Европска Македонија, за која толку се залагате? Ако сте за узурпација, за уништување, за бетонирање, зошто не сте барем искрени кон јавноста, кон UNESCO, дека ви е помила парата и личната корист отколку статусот на природно и културно наследство? До кога ќе се тера ова лицемерие, овие тајни операции, оваа манипулација на јавноста дека никој ништо не знае или дека не е надлежен?

 

Фотографија на Охрид SOS.
Фотографија на Охрид SOS.
Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток