Македонија на хартија има воспоставено прилично широка политичка, правна и институционална рамка за спречување и борба против корупцијата, но реалноста е поинаква, открива петтиот круг на евалуација од извештајот на ГРЕКО за Македонија.
„Системот на кривична правда не е успешен во борбата против корупцијата. Иако Специјалното јавно обвинителство оформи предмети во суд за неколку случаи на корупција на високо ниво кои произлегуваа од скандалот со прислушување, обвинителите генерално не гонат систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи. Се смета дека напредокот во оваа област силно зависи од тоа дали на судството во земјата може да почне да функционира независно и непристрасно. Во периодот од посетата на државата, Евалуациониот тим на ГРЕКО (ГЕТ) е информиран за некои позитуивни случувања кои вклучуваат криминализација на корупција од висок профил“, пишува во извештајот.
Во извештајот се вели дека спроведувањето на политики и закони е слабо и селективно и честите законски измени створија општа непредвидлива средина и дозволија корумпирани јавни службеници да дејствуваат неказнето.
„Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), основана во 2002 година како постојан самостоен орган за спроведување на рамката за спречување на корупцијата, од самиот почеток беше критикувана дека не е независна, со слаб мандат и невидлива, наместо да дејствува како движечка сила во борбата против корупцијата. Во март 2018 година, пет од нејзините седум члена, вклучувајќи го и претседателот, поднесоа оставка среде обвинувања за проневера на финансиски средства: тие побарувале нереално високи патни трошоци за патување во периодите кога тие исто така биле евидентирани дека редовно одат на работа.
Во однос на заклучоците од овој извештај, ГРЕКО меѓу другите ги упатува следниве препораки до Северна Македонија:
Систематски дa се спроведува проценка на ризик на интегритетот кај централната власт што ќе ги опфаќа сите функционери и лични советници и надворешни соработници.
Етичкиот кодекс за лицата кои вршат највисоки извршни функции треба практично да се спроведува со помош на механизам опремен со овластувања за санкционирање и да бидe предмет на систематско подигање на свеста во однос лицата кои вршат највисоки извршни функции преку обука, посветено упатување и советување, вклучувајќи и доверливо советување.
ГРЕКО ги повика властите на Северна Македонија да поднесат извештај за мерките кои ги имаат преземено со цел за имплементација на погоре-наведените препораки до 30 септември 2020 година.