Македонија

Најдена ДНК од 4 лица во автомобилот во случајот „Монструм“

Биолошките траги најдени во црвената „опел омега“ се поклопуваат со ДНК од првообвинетиот Алил Демири, кој побегна во Косово. Демири од претходно бил внесен во криминалистичката база поради друг случај и при процесот на идентификација се утврдило дека станува збор за истиот човек.

Анализата на возилото се вршела во гаража во МВР, а на внатрешноста немало видливи траги од крв. Роберт Јанковски, вештакот кој ги споредувал трагите, вели дека во црвената „омега“ се возеле четири лица, тројца мажи и една жена. Од останатите 4 обвинети, во судницата не се регистрирани траги во возилото.

Насер Рауфи – „Дали Агим Исмаиловиќ не го управувал возилото, штом не се најдени негови траги?“

Вештак Роберт Јанковски – „Не мора да значи, можеби не останала доволно долго ДНК, но може и да била уништувана, зошто ни на менувачот, ни на воланот не најдовме никаква ДНК“.

Семејствата на убиените момчиња сметаат дека процесот се движи во вистински правец.

„Со сигурност се утврдува дека таа ДНК потекнува од еден од обвинетите кој е во бегство“ – вели Дафинка Ивановска–адвокат на семејствата на жртвите.

Демири се уште е во бегство, како и Африм Исмаиловиќ. По убиството побегнаа во Косово, но од тогаш никој не ги видел. Косовското Министерство за правда, се уште нема одговор до колегите од Македонија, за нивната екстрадиција. Контактираат само со нивните роднини овде и ја чекаат правдата откако СЈО го презеде предметот.

„Да имам сознание, во Косово се, живеат нормално, од судството на Косово имаат ослободителна пресуда“ – вели Бедри Ајдари – роднина на обвинети во Монструм.

Судијата Огнен Ставрев најави дека вештак ќе врши детален увид на предметот со престрелката во Белимбегово, која во 2009-та се случи на фармата кај обвинетиот Фејзи Азири. За овој случај вештаците утврдија дека една чаура се совпаѓа со чаура од Смилковското езеро. Интересот на присутните во судница го сврте и најавата за тефтерче пронајдено во папката со докази од пред 6 години.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток