Македонија

Ќе се тампонира дел од Охридско Езеро за да се прошири „Кеј Македнија“

Општина Охрид иако не го презентира пред јавноста и го крие проектот за реконструкција на „Кеј Македонија“, станува сосема извесно дека ќе го реализира проектот изготвен и планиран во време на претходната локална власт на ВМРО ДПМНЕ со кој се предвидува да се влезе во водите на Охридско Езеро и да се тампонира површина долга 1 километар и широка повеќе од еден метар во литоралниот дел на самиот брег на езерото.

Проектот кој во минатите години жестоко го критикуваше сегашниот градоначалник Јован Стојаноски и Трајче Талески од „Хидробиолошки институт“ од Охрид сега од нив двајца добива поддршка и тие велат дека се работи за издржан проект.

„Проектот моментално е во финална фаза, обезбедени се сите неопходни согласности од надлежните институции, изготвен е и елаборат за заштита на животната средина со стратешка оценка за влијанието на проектот врз околината. Стигнати сме до фазата на одобрение од Министерството за транспорт и врски, кое очекуваме во наредните десет дена да биде обезбедено, така што имаме комплетен проект “ исткна во воведното излагање градоначалникот Јован Стојаноски.

Целосно својот став го има променето и Трајче Талески од „Хидробиолошки институт“ кој беше присутен во медиумите со жестоки напади против истиот овој проект.

„Предвидено е да се забиваат цевки и после тоа да се буши и да се цементира, нема да има близок контакт со водата и со животната средина односно песокот и милта што се во приобалниот дел. Единствено советуваме се што ќе се употреби како гредежен материјал да биде од потекло од сливното подрачје, песокот, чакалот за да нема внесување на нови видови, неавтохтони кои не се среќаваат во Охридското езеро“ , нагласува Трајче Талески од охридскиот Хидробиолошки завод.

Единствен од сите кои до сега го критикуваа проектот и кој остана доследен на критиката е екологистот Дејан Паноски кој продолжи да се спротиставува на овој проект.

Засега нема глас ни од Охрид СОС, Е.Д.Е.Н., Екосвест, 21/42, Чист Охрид и многу други здруженија кои три години го напаѓаа овој проект, а сега молчат и не се појавуваат во јавноста.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток