Коментари

ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Исцелување на душата

Пишува Зоран Крстевски за vecer.press (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

Времето изминува, просторот се менува, само душата продолжува да учи од секој нов миг и да го бара патот кон својот вечен мир.

Исцелувањето на душата ќе ни овозможи ослободување од емоционалните товари, подмладување на духот и телото, зајакнување на личноста и препознавање на позитивните импулси на сопственото постоење. За да ги постигнеме овие вредности, неопходно е да завршиме со лицата и ситуациите кои го блокирале нашето напредување и негативно влијаеле врз хармонијата на нашата личност. Нема човек кој не претрпел одредени удари од судбината, не се разочарал во некого и нешто и не доживеал манипулации, неправди и лоши постапки однекои индивидуи кои му предизвикале кризи, болки и тешкотии во животот.

Овој свет е полн со неморал, неизвесност, неправди и егзистенцијални опасности, така што е илузорно да се надеваме дека секогаш ќе наидуваме на лица и ситуации кои дејствуваат според начелата на етиката, доблеста и позитивната енергија. Сите ние живееме во време на девалвирани вредности, каде моралот падна на најниско ниво, а изопачувањата на духот и телото станаа нормална појава со која многумина ја истакнуваат својата умислена посебност. Нештата многу тешко може да се подобрат ако не придонесуваме за општото добро, не вложуваме во личниот развој, не ги практикуваме постулатите на етиката и не почнеме да ја исцелуваме својата душа. На каков индивидуален и колективен напредок може да се надеваме, ако прифатиме дека ниските страсти, лагите, алчноста, егоизмот, површноста и недостигот на срам и одговорностсе наметнуваат како нужно зло од кое не можеме да побегнеме?

Сé додека мнозинството е подготвено да му ја „продаде душата на нечестивиот”, сé дотогаш ќе владеат колективната мизерија, ниските вредности и распадот на системот.

Човекот како единка не може да направи ништо за да се подобрат состојбите во одредено општество. Тоа би било само капка во морето. Нештата ќе тргнат кон позитивната патека ако голем број од луѓето почнат духовно да се осознаваат, етички да се воздигнуваат и хумано да постапуваат.

За жал, некои поединци сметаат дека се центар на универзумот и дека сé треба да се врти околу нив и да биде како што тие очекуваат, бараат и посакуваат, без притоа да покажат минимум чувство за туѓите права и потреби. Таквите лица не сфаќаат дека и блиските имаат свои желби, емоции, права и потреби, така што наместо да покажат емпатија, тие размислуваат дека другиот е виновен за сé, а дека тие самите се најдобрите, најубавите, најпаметните, најсовршените итн.

Првата лекција која треба да ја научиме во контактот со таквите личности е да не им се докажуваме и да го бараме виновникот, да немаме превисоки очекувања и да зависиме од нивното расположение, туку да си го побараме својот мир и да го следиме својот пат. Треба да имаме на ум дека тоа што е наше ќе си дојде, а тоа што мора да биде – нека биде, така како што е пропишано од Бога, кармата или судбината. Кога суштински расчистуваме со неубавото и нечесното и се ориентираме кон мирот во себе, љубовта и позитивното, нужно го добиваме тоа што го заслужуваме, осознавајќи дека сé било за добро и дека божјата промисла никогаш не ги остава лицата кои посветено веруваат, доблесно дејствуваат и позитивно промислуваат.

Кога со грижа, немир и несигурност гледаме кон иднината, тогаш престануваме да уживаме во мигот на сегашноста, оживувајќи го стравот дека ништо нема да постигнеме. Треба да знаеме дека не постои ништо повредно од мигот на сегашноста, кој треба да го оплодиме со вредност, визија и храброст за нештата да тргнат кон хармоничната патека на иднината.

Писателот Даниел Дефо има кажано дека „највисок степен на човечката мудрост е способноста за приспособување кон ситуацијата и за зачувување на мирот, и покрај опасностите однадвор”. Тоа подразбира да станеме свесни за околностите во кои се наоѓаме, да иницираме волја за излез од кризата и без оглед на ограничувањата,да го сочуваме мирот и присебноста на личноста. Мудро ќе постапиме ако сфатиме дека она што го уништува внатрешниот мир се нашето его и тврдото срце, посебно ако закоравено се водиме од егоизмот и од желбата да поседуваме и придобиеме сé што сакаме.

Секој е одговорен за самиот себе и индивидуално одлучува кон какви начела ќе се насочи. Некој вложува во личниот развој, доблеста и себеспознанието, друг смета дека може да помине неказнето со пропагирање на неморалот, лагите и негативноста. Но, еден ден сите ние ќе мора да се соочиме со последиците од своите постапки и да научиме тешки животни лекции, со надеж дека ќе ја сфатиме суштината и ќе тргнеме кон правилната патека на постоењето.

Иако кризата носи ризик од тотално душевно распаѓање и трпење на последиците од неразумното и неморално живеење, сепак таа е и шанса за духовно воздигнување и за подлабоко продирање во самите себе. Кога стануваме свесни кои сме, што сме, какви вредности поседуваме и што сé можеме да постигнеме, тогаш од кризата извлекуваме поука, акумулираме духовен капитал и почнуваме да се движиме кон позитивната патека на животот.

Препознај ја вредноста и биди љубов за да станеш вредност и почувствуваш љубов – од добрите луѓе, од Бога или од судбината.

Чудата се случуваат за тие кои веруваат, љубат и се надеваат дека добрината, чесноста, духовноста и мудроста секогаш ќе ги надвладеат лошотилакот, неморалот, површноста и неразумноста. Внатрешниот мир, прифаќањето дека сé е за добро, позитивната енергија што протекува низ нашето битие и сјајот на нашата аура се најдобар показател дека се движиме по вистинскиот пат и дека сме ја научиле лекцијата. Исцелувањето на душата, хармонијата и самосвеста се најголемите вредности кои нé повикуваат и мотивираат да продолжиме да вложуваме во личниот развој, да му се радуваме на секој миг од животот и да нé стравуваме од ударите на негативците, бидејќи без страдание нема спасение, ниту духовно откоровение.

Благодарноста кон божјата промисла се искажува низ позитивните дела и придонесот за општото добро. Тоа е и целта на оваа колумна – да ги мотивира добрите луѓе да нé потклекнуваат пред ударите на негативните и неморални лица и да нé дозволат да бидат турнати кон дното, туку духовно да се подигнат, да ја исцелат својата душа и да продолжат да се движат кон вистинските вредности на животот.

Кога создаваме и твориме (пишуваме) со умот го откриваме и пренесуваме тоа што го знаеме, но кога споделуваме и зборуваме со срцето, тогаш допираме до вистината за самите себе и до бесценетото богатство кое опстојува скриено во длабочината на нашата душа. Сé што треба да направиме е да тргнеме по патот на свесноста, мирот, љубовта и себехармонизацијата. Овие благородни вредности ќе го стоплат нашето срце, ќе ги поттикнат мудрите размисли на умот, ќе го овозможат исцелувањето на душата и ќе нé однесат кон позитивните импулси на постоењето.

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток