Лазар Јанева, синот на Катица Јанева, тврдеше дека неговата мајка телефонот го изгубила во Белград, Србија. Ова го кажа откако Обвинителството обзнани дека полицијата не може да го заплени вториот мобилниот апарат, кога во понеделникот вршеше претрес во нејзината куќа.
Телефонот на Јанева е најден во Скопје, наместо во Белград, неофицијално дознава „Скопје1.мк“. Уредот бил подарен на трето лице соопшти Обвинителството, но не се знае од каде е набавен, односно кој и кога го подарил.
Со тоа што телефонот бил изгубен, а потоа пронајден кај трето лице, податоците од него се целосно избришани, а непознато е дали ќе можат да се вратат со помош на „бекап“ алатка.
По дадени насоки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден е пронајден вториот мобилен телефон на јавниот обвинител по кој се трагаше.
По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен. Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице.