Градот Скопје денеска ја одбележува 53-та годишнина од катастрофалниот земјотрес. Утрото на 26 јули во 1963 година, во 5 часот и 17 минути, земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихетеровата скала го срамни Скопје со земја и го остави градот без сите врски со светот. Загинаа 1.070 лица, повеќе од 4.000 беа повредени, околу 200.000 останаа без покрив над главата, 28.000 домови беа оштетени и нешто повеќе од 15.000 станови беа урнати. Први што им пристигнале на помош на скопјани биле војниците и граѓаните од поранешните југословенски републики, а веднаш потоа почнале да пристигнуваат помош и спасувачки екипи од целиот свет. Според тогашните извештаи, 87 странски нации испратиле најразлична помош за Скопје и помогнале во изградбата на новото Скопје. Од тогаш и Скопје го носи епитетот „град на солидарноста“.
Како се градеше Скопје?
Обновата и изградбата на новото Скопје, односно развојот на модерната архитектура го карактеризираат неколку фази. Архитектот проф.д-р Михаил Токарев, во својот труд насловен како Историско-критички поглед на архитектурата, објавен лани по повод 50-годишнината од земјотресот, посочува дека првиот важен насатан во архитектурата е економска реформа во земјата, со која привремено се забранува инвестирање во објекти од нестопанските дејности, односно во оние од високоградбата, што многу го стеснува просторот на архитектонското проектирање. Вториот важен настан претставува воведувањето на престижната Борбина награда за архитектурата (1965), која уште повеќе го поттикнува натпреварувачкиот дух меѓу архитектите во земјата. Професорот Токарев наведува дека развојот на модерната архитектура во Македонија од средината на 60-тите години е директно зависен од општествено-политичката состојба во СФРЈ, но и од економските услови кои владеат во Републиката. Со економското зајакнување на земјата, во средината на 70-тите години започнува позасилена архитектонска активност, со што се создаваат релативно голем број разновидни квалитетни објекти и во Македонија.
За победник на овој конкурс е прогласен афирмираниот јапонски архитект Кензо Танге, кој понудил компактна изградба и релативна изолираност на градскиот центар.