Случајот „Рекет“ заслужува итна реакција на надлежните и сигурен сум дека ќе видиме напредок, вели францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние во интервју за ТВ 24.
– Треба да се преземат сите потребни постапки во најкраток можен рок, да се види дека се води веродостојна истрага која не прави дистинкција за тоа колку се високи позициите на инволвираните и какви се нивните функции, и која ќе покаже дека времето на неказнивост е завршено, изјави Тимоние.
Во однос на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ која што се очекува во октомври, Тимоние оценува дека позицијата на земјата сега е помалку цврста поради случувањата околу „Рекет“ и неможноста да се постигне договор за Законот за Јавното обвинителство.
„Времето брзо поминува и до октомври има релативно малку време за да се покаже убедливост во работата. Потребно е власта и опозицијата да ги пронајдат насоките што водат кон едно постабилно досие за земјата за кое ќе можеме да кажеме дека иако е извесно оти владеењето на правото создава одредени проблеми, сепак, постои вистинска волја преточена во дела, а не само во намери. Таквата волја заслужува поддршка за почнување на преговорите и отворање на поглавјата 23 и 24”, изјави Тимоние.
