Актуелно

Граѓаните поседуваат 621 илјада парчиња оружје, само четвртина се регистрирани

Околу 621 илјада парчиња оружје поседуваат граѓаните на Република Северна Македонија, односно 29.79 парчиња по глава од жител. Од нив, само 169.687 се регистрирани, а 451.313 нерегистрирани, покажуваат податоците од истражувањето на организацијата „Small Arms Survey“ (SAS).

Со овие бројки нашата држава се наоѓа на осмото место во Европа, а е 13-та во светот по поседување огнено оружје по глава на жител. На прво и второ место во Европа се две земји од нашиот регион Црна Гора и Србија, објави МИА.

Во земјава постои евиденција кој сè поседува легално оружје, но не и информација или некаква проценка за нелегалното оружје, за што останува, само да се шпекулира. Се поставува и прашањето дали максимално се почитуваат Законот за оружје и процедурите и дали секој што бара дозвола е подложен на широки безбедносни проверки, како и дали огнено оружје може да се набави на црниот пазар.

Лани се евидентирани 180 илјади парчиња оружје, годинава запленети се 83  

Според евиденциите на Секторот за оружје, експлозивни и опасни материи, во Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи, во 2018 година регистрирани се околу 180.000 парчиња оружје.

Во делот на недозволена трговија со оружје, МВР за МИА информира дека во периодот од јануари до јуни 2019 година регистрирани се вкупно 102 кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ за кои се пријавени 117 сторители, при што се запленети вкупно 83 парчиња огнено оружје (49 пиштоли, четири револвери, две автоматски пушки, 11 ловни пушки, два ловни карабини, малокалибарска пушка, рачно изработена пушка, воздушна пушка, пет рачни бомби, мина, пет пиштоли за звучна и светлосна сигнализација и еден гасен пиштол). Одземени се и 1.742 парчиња муниција, 192 грама експлозиви две детонаторски каписли, 100.168 парчиња петарди, 8.111 пиротехнички и светлечки ракети, 14 огномети и два топовски удари.

Како може да се добие дозвола за поседување оружје

Оружје и муниција може да се набавува само врз основа на одобрение издадено од Министерството за внатрешни работи согласно со категоризацијата на оружјето.  Одобрението се издава за секое поединечно набавување оружје во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето.

Одобрение за набавување оружје може да се издаде на физички лица заради заштита на нивната личност и имот и за лов и спортско стрелаштво.

Одобрение за набавка на делови од оружје и одобрение за набавка муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје.

Извор МИА

На почеток