Актуелно

Косово се заканува со трговски бариери за Македонија

Поради забраната за увоз на риби за порибување од Косово, власти се заканија дека ќе воведат царински бариери за увоз на повеќе македонски производи. Косовскиот министер за трговија и индустрија, Ендрит Шала го известил министерот за економија Крешник Бектеши и побарал да се отстранат бариерите, во спротивно се заканил дека косовската страна ќе ги разгледа мерките на реципроцитет за сите производи од Северна Македонија кои се увезуваат на Косово”.

-Ова кршење на обврските кон ЦЕФТА од страна на Северна Македонија предизвикува загриженост за мојата влада и ве повикувам што побрзо да најдете решение по ова прашање, му напишал косовскиот министер Шала на македонскиот министер Бектеши.

Македонската страна објаснува дека забраната се однесува само за увоз на порибителен материјал и не важи само за Косово, туку и за сите држави кои немаат спроведено мониторинг и немаат гаранција дека материјалот што ќе се внесе кај нас е здравствено исправен.

За заканите за реципроцитет од косовска страна и забрана за увоз на производи од земјава, Димковски рече дека верува оти не е нешто што не може да се надмине.

Инаку ова нема да биде прва рампа за македонските производи од страна на Косово. Лани во јули косовската влада ги зголеми за 30 отсто царините за 21 земјоделски производ. По две недели Косово ја повлече забраната под притисок на ЕУ, а нашите загуби се проценија на 180 илјади евра.

 

На почеток