На денешната прес-конференција на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, соопшти дека Министерството за информатичко општество и администрација започнува со процесот на хоризонтална функционална анализа. Што значи ова? Ова значи дека конечно во Македонија, ќе воведeме ред во хаосот што постои во системот. И за тоа усвоивме Акциски план со конкретни мерки и временска рамка.
Само како пример. Веќе спроведовме хоризонтална функционална анализа на инспекциските служби. Целта беше да се оцени поставеноста на инспекциските служби во системот, нивната меѓусебна поврзаност, внатрешната организација и систематизација на работни места, интерните работни процеси, располагањето и користењето на опрема и средства за работа и слично. Наодите укажуваат дека во одреден дел постојат преклопувања на надлежностите, а во случаите кога инспекциските служби се организирани во рамки на министерство или друг орган на управата, инспекторите често вршат и други работи и работни задачи кои не се нивна работа.
Резултат на хоризонталната функционална анализа ќе бидат реорганизација и оптимизација. Очекуваните придобивки се следните:
– ќе се воспостават рамки за институционална организација
– ќе се реши проблемот со преклопување на надлежностите на институциите
– ќе се реши и проблемот со институции со еден човек
– ќе имаме јасни критериуми за тоа кои институции од кого можат да бидат основани и која институција пред кого одговара. Да престане админстративниот пинг понг со граѓаните и фирмите.
Целта е инситуциите да се групираат по области на дејствување. Министерствата ќе бидат креатори на политики, агенциите ќе се задолжени за спроведување на политиките, а функцијата на надзор ќе биде во надлежност на инспекторатите. Да се поедностави работата.