Македонија

10 милиони евра грант од Еиб за Северна Македонија

Забрзувањето на европските интеграции носи позитивни економски резултати. Вчера на самитот на Економист во Скопје, регионалниот директор на ЕИБ Матео Ривелини најави дека се доделува грант од 10 милиони евра на Република Северна Македонија за пречистителна станица во Скопје.
Парите кои се наменети за пречистителната станица доаѓаат во време кога земјава ја очекува одлуката за старт на преговори за влез во Европска унија, што се толкува како потврда за реформскиот процес во економскиот сектор.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев на панелот на Економист, ја посочи недвосмислената заложба дека Владата нема да отстапи од патот на реформите и владеење на правото како гаранција за сигурност на стопанството и инвестиците.

“Стремежот на секоја Влада е раст и развој на економијата, а тоа е возможно само доколку се обезбеди стабилноста на државата и владеење на правото преку кое се обезбедува сигурност во направените инвестиции. Со веќе извесното полноправно членство во НАТО и очекуваната препорака за започнување на преговори за членство во ЕУ, се обезбедува потполна политичка стабилност на Северна Македонија, која ќе се рефлектира со дополнителни позитивни резултати во економијата и повисок животен стандард
на граѓаните.” изјави Анѓушев кој посочи дека токму за да може инвеститорите да чувствуваат сигурност во нивните инвестиции, Владата го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со што е овозможено транспарентна и еднаква поддршка на домашните и странските инвеститори.

На почеток